Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун вечерва по македонско време во Њујорк ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски.
Медиумите во Македонија најавуваат дека Милошоски ќе го информира Ки-мун за македонската кандидатура за членство во Советот за човекови права на ОН, дијалогот меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот со името, како и судскиот случај во Меѓународниот суд на правдата по тужбата на Македонија против Грција. Од Канцеларијата на портпаролот на Ки-мун наведуваат дека, според вообичаената процедура, детали за средбата ќе бидат достапни по нејзиното завршување.
Според Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон, Милошоски од Њујорк заминува за Бразил, во посета на Бразилија.