Мексико ја поздрави судската одлука за блокирање на клучни делови од контроверзниот имиграционен закон на Аризона. Останатиот дел од него стапи на сила во четврток.
Мексиканската министерка за надворешни работи Патриша Еспиноса, издаде соопштение во кое одлуката на американската судија ја опишува како чекор во вистинска насока. Мексиканската влада истакна дека е подготвена да преземе мерки за заштита на своите граѓани во Аризона.
Десетици лица се собраа пред американската амбасада во Мексико сити во средата во знак на поддршка на судската одлука во САД.
Мексико ја критикуваше легислативата што стана иритирачки фактор во американско-мексиканските односи.
Мексиканскиот претседател Фелипе Калдерон го покрена прашањето за време на средбата со претседателот Барак Обама во мај годинава.
Владата на претседателот Калдерон претходно ги предупреди Мексиканците дека доколку патуваат во Аризона ќе се соочат со непријатна политичка клима. Тој сепак истакана дека заедно со претседателот Обама ќе соработуваат по имиграционите прашања.
Американскиот претседател Барак Обама зазеде став дека САД мора да усвојат „темелен“ пристап за имиграцијата, што вклучува засилување на безбедноста долж американските граници, укинување на бизнисите што најмуваат илегални имигранти и воведување на реформи во правниот имиграционен систем. Тој кажа дека оградите и пограничните патроли нема да го решат проблемот и дека САД треба да креираат начин за 11-те милиони илегални имигранти во САД да дојдат до државјанство.