Без решение за името, иднината на Македонија е неизвесна - ова предупредување го упати амбасадорот на САД во Македонија Филип Рикер средата, запрашан да ја коментира изјавата на македонскиот премиер Никола Груевски дека на рефедум би гласал против компромисното решение - Северна Македонија.
„Премиерот си да дава свои изјави. Како што знаете, ставот на САД е дека е време да се најде решение за проблемот со кој се соочува Македонија. Цврсто остануваме на патот за поддршка на интеграцијата на Македонија во евроатлантската заедница“, изјави амбасадорот Рикер. Според него, потребно е што поскоро да се најде решение за дводеценискиот спор.
„Потребно е да најдете решение за вашиот проблем. Без тоа, сметам дека иднината на Македонија ќе биде ставена под голем знак прашалник. Време е да се фокусирате не на тоа кои решенија се неприфатливи, туку кои решенија се прифатливи“, изјави Рикер.
Порака до јавноста денеска испрати и амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере, кој беше прашан за коментар на вторничкото заедничко соопштение на ЕУ,САД, НАТО и ОБСЕ во кое се изразува загриженост за политичката ситуација во државата.
„Наша желба е да ги потсетиме лидерите на проблемите со кои земјата се соочува, што се треба да се направи за да се решат овие проблеми и да се избегне секаква ситуација што би можела да ги наруши напорите насочени кон решавање на овие проблеми. Се надевам дека тоа е она што треба да биде постигнато преку политички дијалог“, изјави Фуере.
Меѓународните фактори со овие изјави се обидуваат да ја мобилизираат домашната политичка јавност во насока на обединување околу стратешкиот интерес–членство во ЕУ и НАТО на Македонија, кој обединува огромно мнозинство граѓани.