“Ги повикуваме сите политички лидери да ја потврдат својата целосна посветеност кон Охридскиот рамковен договор и кон јакнењето на политичкиот дијалог. Исто така, охрабруваме континуиран прогрес во сите реформи, потребни за остварување на надворешно-политичките цели на земјата”, се вели во заедничката изјава на шефовите на мисиите на ЕУ, НАТО, ОБСЕ и на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, кои едновремено ги повикуваа сите чинители да ја удвојат својата посветеност кон меѓуетничка хармонија и да се воздржат од било какви постапки што би можеле да создадат тензии.
Во соопштението се наведува дека претставниците на ЕУ, НАТО, ОБСЕ и на САД во Македонија би сакале да го потенцираат своето “верување дека евро-атлантската интеграција, како и целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор и понатаму остануваат да бидат најдобриот пат кон напредокот за сите граѓани” на Македонија и на поширокиот регион. Во него се повикуваат сите политички лидери во Македонија да ја потврдат својата целосна посветеност кон Охридскиот рамковен договор и кон јакнењето на политичкиот дијалог.
“Охрабруваме континуиран прогрес во сите реформи, потребни за остварување на надворешно-политичките цели на земјата. Ги повикуваме сите актери да ја удвојат својата посветеност на меѓуетничката хармонија и да се воздржат од било какви постапки што би можеле да создадат тензии”, стои во пораката.
Претставниците на САД, ОБСЕ, ЕУ и НАТО изразуваат загриженост поради неодамнешните изјави на политички лидери и на други поединци во Македонија кои зборуваат за поделба, конфликт, напуштање на Охридскиот рамковен договор. Меѓу другото, тие забележуваат и општо опаѓање на политичкиот дијалог.
Во соопштението на претставниците на меѓународните организации и на Амбасадата на САД се вели и следново:
“Цврсто се спротивставуваме на било каков вид на насилство и на закани со насилство, бидејќи ова само ќе му наштети на политичкиот и на економскиот прогрес, и е сосема спротивно на вредностите што нашите институции ги застапуваат. Ние ги охрабруваме сите граѓани и нивните претставници, да ги искористат постоечките демократски механизми, вклучувајќи го и Собранието, за да ги унапредат своите интереси”.
Констатирајќи дека јавната и политичка поддршка за евро-атлантските интеграции во Македонија останува исклучително голема, претставниците на САД, ОБСЕ, ЕУ и НАТО, изразуваат уверување дека оваа “општа волја треба да се почитува како начин преку кој ќе се обезбеди најдобрата можна иднина за земјата и за регионот.”