Линкови за пристапност

Македонија втор ден во Хаг ја образложува тужбата против Грција


Македонија втор ден во Хаг ја образложува тужбата против Грција
Македонија втор ден во Хаг ја образложува тужбата против Грција

Грција ќе ја изложи својата одбрана пред Меѓународниот суд за правда на 24-ти и 25-ти март

Македонските застапници пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг втор ден по ред ги образложуваа аргументите на тужбата против Грција за кршење на Времената спогодба од 1995-та година, што, според македонската страна, кулминираше со ветото на Самитот на НАТО во 2008-ма година.

“Самите активности на тужената страна во 2007-ма и 2008-ма беа дејствија на силна кампања, билатерална, мултилатерална и јавна против членството на подносителот во НАТО, што спаѓа во опфатот на член 11 став 1. А, тој член предвидува само една јасно дефинирана ситуација во која може да се приговара. Тој случај е доколку на подносителот, НАТО му се обраќа под името Република Македонија, што не беше случај. Но, на тужена страна Времената спогодба не и` дозволува да приговара за други било какви причини за кои тие самоиницијативно одлучиле дека спаѓаат во опфатот на членот“, рече Шон Марфи, правен застапник на Македонија во овој процес, инаку професор на Универзитетот Џорџ Вашингтон.

За Марфи, „грчките аргументи се само магла кои имаат за цел да создадат забуна во целиот случај каде како ден е јасно дека договорот од 1995-та година е прекршен“.

И за професорот Пјер Клајн од Универзитетот Либре во Брисел, исто така застапник на македонската страна, „правните основи на аргументите на тужената страна се непостоечки и сомнителни“ и дека е тешко да се најде какво и да е` толкување што би можело да биде прифатено.

„Има една неизбежна вистина, а тоа е дека членството не е само попречувано, туку дека и пред букурешкиот самит има и фалби од официјални претставници дека тоа ќе се случи, што е директно прекршување на членот 11 од Времената спогодба“, рече тој, оценувајќи дека одлуката на судот во овој случај навистина би имала правен ефект, бидејќи ќе се стави крај на идните закани дека тужената страна (Грција) ќе го блокира членството на подносителот на барањето (Македонија) во други меѓународни организации.

„Случајот на Република Македонија против Република Грција е едноставен и јасен случај на pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат). Тужената страна приговори на нашето членство во НАТО потпирајќи се на причини кои не се дозволени според Времената спогодба. Тужената страна се обидува случајот да го направи комплексен, изнесувајќи серија на нерелевантни или неточни тврдења, како и нови правни и фактички тврдења кои не биле покренати пред април 2008-ма година. Аргументите на Тужената страна, се чини, имаат за цел да затскријат експлицитно прекршување на експлицитна обврска која произлегува во Времената спогодба“. Вака министерот за надворешни работи на Македонија Антонио Милошоски накусо ја образложи причината за тужбата во понеделникот, на почетокот на еднонеделната јавна расправа, на која ќе се слушнат аргументите на обете страни.

Грчката страна овие два дена слуша, а од четврток таа ќе ја образложи својата вистина. Во Букурешт имаше едногласна одлука, а активностите како користењето на грчки симболи од страна на поранешната југословенска Република Македонија не се во согласност со времената спогодба - ова се дел од аргументите со кои Грција најави дека ќе настапи во Хаг. Неколку дена пред почетокот на судскиот процес, официјална Атина изјави дека верува во своите аргументи и смета дека Македонија е таа која постојано ја прекршува спогодбата.

Со настапот на грчката страна на 24-ти и 25-ти март завршува првата фаза од усната расправа. Во втората фаза, на 28-ми март, тимот што ќе ја претставува Македонија ќе има можност да одговори усно на одбраната на Грција, а јавната расправа ќе биде заокружена на 30-ти март со завршниот збор на грчката страна.

Пресудата се очекува да биде донесена најдоцна наесен. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата се конечни и обврзувачки за земјите-членки на ОН, односно за страните во спорот.

XS
SM
MD
LG