Зголемувањето на поддршката за мали и средни претпријатија е приоритет на македонската влада. Во привлекувањето на странски инвестиции, владата се фокусира на автомобилската индустрија, производството и дистрибуција на храна, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во фондацијата „Херитиџ“ во Вашингтон, каде говореше за силните страни на земјата како бизнис-дестинација и за напорите да создаде клима за привлекување за странските инвеститори.
Ставрески, кој во Вашингтон викендов учествува на пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, беше категоричен дека македонската влада има нулта толеранција за корупцијата во општеството. Прогнозирајќи како ќе се развива економската слика во иднина, тој рече дека очекува растеж од два проценти.
Поедноставувањето на административните постапки за стопанството, редуцирањето на регулативата, таксите и тарифите и намалувањето на трошоците за започнување на бизниси се само мал дел од реформите спроведени изминативе години со кои Македонија оствари огромен напредок според Индексот на економска слобода на Херитиџ, подвлече Ставрески.
Во Извештајот на фондацијата за 2010 година, Македонија е рангирана 22. места погоре од лани. Со 65,7 индексни поени се најде на 56. место од вкупно 179 земји во светот. Изминатите години беше на 78. место со 61,2 индексни поени. Македонија, според податоците на Херитиџ, има забележано четврти најголем подем во економската слобода од 179-те рангирани земји.
Истражувањето на „Херитиџ“ се базира на 10 параметри, бизнис-слобода, слобода на увоз-извоз, фискална слобода, финансиска слобода, монетарна слобода, трошоци на Владата, криминал и корупција, слобода на инвестирање, работнички права и сопственички права.