Линкови за пристапност

Договореното на лидерската средба се`уште не е реализирано


Пленарна седница се` уште не се закажува зашто опозицијата не доставила список од кандидатите за членови на ДИК

Договореното - се` уште не се реализира. Иако беше најавено, Собранието доцна синоќа не одржа седница на која требаше да се имплементираат точките утврдени меѓу Заев, Мицкоски, Ахмети и Касами – измени на законот за финансирање на политичките партии, на законот за влада како и избор на нови членови на Државната изборна комисија. Претходно, матичната комисија за избори и именувања ја утврди листата на каднидати што се пријавија на огласот.

„Ја затворам расправата, предлог листата на кандидати ја ставам на гласање. Констатирам дека предлог-листата е усвоена и ќе биде доставена до Талат Џафери“, рече претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски.

Неофицијално, пленарна седница се` уште не се закажува зашто опозицијата не доставила список од кандидатите за членови на ДИК кои ги поддржува. Но, не е само тоа проблемот, партиски извори велат дека работните групи не постигнале договор за сите членови што ќе се менуваат во законот за финансирање на политичките партии и во законот за Влада – точки за кои вчера беше постигнат политики договор – меѓу другото, во иднина пред парламентарни избори да се формира техинчка влада од т.н. Пржински формат. Најавите се дека разговорите на ниво на работни групи продолжуваат за да се усогласат ставовите по што спикерот Џафери би можел да закаже собраниска седница.

Наспроти овие точки за кои се сметаше дека се затворени, главното прашање што и по лидерскиот состанок остана отворено е референдумот – каков ќе биде, кога ќе се одржи и кое ќе биде прашањето.

Политичките аналитичари порачуваат дека за оваа тема не смее да има партиско надмудрување за да се заштитат поединци.

„Очигледно не сме успеале да пораснеме и да излеземе од сопствената сенка ако се` уште се вртиме околу тоа да се спаси мал број криминалци притоа да се злоупотребува целиот процес на референдум. Ова се моменти каде нема простор за игра, ниту за злоупотреби и ова се моменти во кои се покажува политичка зрелост и одговорност“, изјави политичкиот аналитичар Андреја Стојкоски.

Наспроти обвинувањата меѓу власта и опозицијата околу референдумот, министерот за Европа Михаел Рот на Германија, највлијателната членка на Унијата, порача дека референдумот е момент за одлука за европската иднина за Македонија и дека одговорноста треба да ја преземат сите релевантни политички субјекти, вклучувајќи ја и опозицијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG