Два американски воени брода навлегоа во египетскиот Суецки Канал и се упатија кон либиското крајбрежје, во време кога САД продолжуваат со притисокот врз либискиот водач Моамар Гадафи да запре со задушување на востанието на опозицијата.
Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс наредил бродовите да се распоредат во близина на брегот на Либија, во случај да се потребни за итни евакуации или хуманитарна помош.
Американската државна секретарка Хилари Клинтон изјави дека Вашингтон и сојузниците од НАТО ја разгледуваат и можноста за создавање на зона на забрането летање над Либија, за да се спречат силите лојални на Гадафи да вршат натамошни напади врз опозиционите сили. Американскиот Сенат едногласно усвои резолуција со која го повика Советот за безбедност на ОН да размисли за формирање на таква зона.
Сепак, секретарот Гејтс наведе дека НАТО се` уште не постигнал консензус за употребата на воена сила во Либија. Начачникот на Здружениот генералштаб на САД, адмиралот Мајк Мулен, кажа дека поставувањето на зона на забрането летање ќе биде „неверојатно сложена“ операција.
Во одвоен распит во Конгресот, генерал Џејмс Матис, кој е на чело на Американската централна команда, изјави дека би било неопходно превентивно да се нападнат либиските воздухопловни инсталации, за да не можат да соборуваат американски и авиони на НАТО.