Линкови за пристапност

Пратеници бараат поостра реакција на Вашингтон за случувањата во Либија


Пратеници бараат поостра реакција на Вашингтон за случувањата во Либија
Пратеници бараат поостра реакција на Вашингтон за случувањата во Либија

Едни бараат санкции, а други креирање на зона на забрането летање над Либија

Американски законодавци ја повикуваат владата на претседателот Барак Обама да ја заостри реакцијата на крвавото задушување на противвладините протести од страна на либиските власти. Едни бараат санкции, а други креирање на зона на забрането летање над Либија.

Демократскиот сенатор Џон Кери смета дека Белата куќа треба да размисли за повторно воведување на санкциите против Либија, што ги укина поранешниот претседател Џорџ В. Буш откако либискиот лидер Муамер Гадафи се откажа од поседување на оружје за масовно уништување во 2003-та година. Кери воедно ги повика американските и странските енергетски компании итно да прекинат со своите активности во Либија, се` додека не дојде до прекин на, како што ги нарече, кукавичките напади врз цивилите.

Претседавачката на Комисијата на Претставничкиот дом за надворешни работи Илијана Рос-Лејтинен исто така побара санкции, како и замрзнување на имотот и забрани за патувања на либиски официјални лица.

Републиканскиот сенатор Џон Мекејн и независниот сенатор Џо Либерман ја повикаа Белата куќа да помогне во креирање на зона на забрането летање над Либија, што би ја спречило либиската армија да врши воздушни напади врз цивили.

Американските владини претставници во изјавите дадени вторникот немаа најавено конкретни мерки против Либија, ниту пак го споменаа Гадафи, туку само ја повторија осудата на нападите од страна на либискиот режим врз демонстрантите. Според владините лица, Вашингтон во моментов соработува со други земји во изготвување на дополнителна реакција.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон изрази загриженост за безбедноста на американските дипломати и другите либиски граѓани, велејќи дека нивната добросостојба е „приоритет број еден.“ Американските власти денес испратија фериброд за евакуација на американските државјани од главниот либиски град Триполи.

XS
SM
MD
LG