Линкови за пристапност

Во ОН расправаат за зона на забрането летање над Либија


Во ОН расправаат за зона на забрането летање над Либија
Во ОН расправаат за зона на забрането летање над Либија

Русија и Кина со право на вето, традиционално не се наклонети кон мешање во внатрешните прашања на други земји и може да бидат сериозно резервирани за поддржување на ваква мерка

Британски дипломати велат дека нивната работа на можна резолуција за воведување на зона на забрането летање над Либија, каде анти-владините борци се заглавени во крвава битка со силите лојални на лидерот Моамар Гадафи, е план за подготовка за секоја евентуалност.

Во вторникот Советот за безбедност на ОН на приватна сесија беше брифиран од страна на виш политички претставник на ОН Лин Паско, кој штотуку се врати од регионот.

Прашан дали Генералниот секретар би ја поддржал идејата за зона на забранети летови, Паско истакна дека тоа е одлука на Советот за безбедност, а не на првиот човек на светската организација.

Но ваква резолуција може да наиде на проблеми во самиот Совет. Русија и Кина со право на вето, традиционално не се наклонети кон мешање во внатрешните прашања на други земји и може да бидат сериозно резервирани за поддржување на ваква мерка. Во САД нема јасен став. Некои законодавци се „за“, други „против“, велејќи дека ќе биде мошне тешко да се имплементира.

Дури и двете земји изготвувачи на нацртот велат дека треба да постојат специфични поводи за да го стават документот на гласање, како масакар на цивилното население или некоја друга форма на систематско нарушување на човековите права.

Индискиот амбасадор во ОН Хардип Синг Пури, кој е меѓу непостојаните земји-членки во советот, вели за ваквата мерка е потребна регионална поддршка.

„Не само што ќе ви треба поддршка од Арапската лига, туку ќе треба да се дознаат ставовите и на Африканската заедница“, вели Пури.

Германскиот амбасадор Питер Витиг вели дека неговата влада би сакала да види зголемен притисок врз владата на Гадафи со натамошни санкции, надвор од забраните за патувања, замрзнување на имотот, ембарго за оружје и препораки на Меѓународниот кривичен суд, кои Советот за безбедност ги авторизираше минатиот месец. Витиг додаде дека советот дискутирал и по други мерки, но дека разговори се во почетна фаза.

Дипломати од Советот за безбедност посочија дека засега нема официјална предлог-резолуција и дека не е одреден специфичен рок да се стори тоа. Сите натамошни акции од страна на Советот во голем дел ќе зависат од развојот на ситуацијата на теренот во Либија.

XS
SM
MD
LG