САД се консултираат со сојузниците за евентуални армиски опции против либискиот лидер Моамар Гадафи и неговата акција да ја задуши опозицијата која се обидува да стави крај на неговото 42-годишно автократско владеење.
Американски владини лица понеделникот соопштија дека се разгледуваат „сите опции“, вклучувајќи и зона на забрането летање над Либија, за да се спречат нападите на либиските борбени авиони врз бунтовниците кои имаат контрола во источна Либија и некои западни делови на земјата.
Американски команданти наведуваат дека ги придвижуваат морнаричките и воздухопловните сили поблизу до Либија за да обезбедат опции за владата на претседателот Барак Обама во реализирањето на хуманитарни или други мисии.
Стејт департментот соопшти дека изминативе денови Вашингтон е во контакт со либиските опозициони групи, за да се информира за нивните потреби и проблеми. Но, американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс изјави дека е прерано да се дискутира за армиска помош на опозицијата додека нејзините различни фракции се обидуват подобро да се организираат.
САД воедно го зголемуваат и финансискиот притисок врз Гадафи, замрзнувајќи 30 милијарди долари во имотот во САД на неговото семејство, откако минатата недела воведоа унилатерални санкции против Либија. Претставник на Одделот за финансии изјави дека замрзнувањето е најголемо досега што американската влада го одобрила во една извршна наредба.
САД и западните сојузници се залагаат Гадафи веднаш да поднесе оставка, додавајќи дека ја загубил легитимноста откако неговите сили убија стотици опозициони демонстранти и дезертери за време на востанието што трае веќе две недели.
Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни изјави дека Вашингтон би поддржал Гадафи да појде во егзил доколку такво нешто го забрза неговото симнување од власт, но дека тој и неговите помошници без оглед на тоа ќе се сметаат за одговорни за она што го сториле.