Американскиот претседател Барак Обама изјави дека штабот на либискиот водач Моамар Гадафи е свесен дека неговото владеење се ближи кон крај со зголемувањето на притисокот на меѓународната заедница врз неговата влада.
Во телевизиско интервју во вторникот, Обама истакна дека „се затега јамката“ околу Гадафи и дека неговите соработници почнуваат да осознаваат дека „нивните денови се изброени.“ Американскиот лидер подвлече дека меѓународната заедница сега треба да го интензивира дипломатскиот притисок за либискиот водач да одлучи да ја напушти функцијата.
Меѓународните сили повеќе од една недела вршат воздушни напади врз трупите лојални на Гадафи со цел примена на зоната на забранети летови над Либија одбрена од ОН. Светските сили имплементираа и финансиски санкции против либиската влада.
За време на средба во Лондон, преку 40 земји и меѓународни организации постигнаа согласност дека Гадафи мора да замине од власта, додека тие го интензивираат дијалогот со опозиционите сили за политичка транзиција во земјата.
Американската државна секретарка Хилари Клинтон изјави дека резолуцијата на ОН со која се авторизираше сојузничка воздушна кампања, би им дозволила на земјите легално да ги вооружат бунтовниците, иако засега не е донесена таква одлука. Францускиот министер за надворешни работи Ален Жупе истакна дека Париз е подготвен да разговара за обезбедување воена помош за анти-владините трупи во Либија.
Но рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска предупреди од опасноста од овој чекор. Тој рече дека Москва се согласува со изјавата на Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, дека операцијата во Либија се изведува за да се заштити населението, а не да се вооружува.