Линкови за пристапност

Нафтените компании повлекуваат свои работници од Либија


Нафтените компании повлекуваат свои работници од Либија

Стручњаците предупредуваат на сериозни последици

Бритиш петролеум прекина со крајбрежното нафтено дупчење во Либија и го евакуираше персоналот.

„Решени сме да продолжиме со бизнисот во Либија, но како и сите други, внимателно следиме што се случува“, вели извршниот директор Боб Дадли.

Својот персонал го релоцираше и Шел, а норвешкиот Статоил ги затвори канцелариите во Триполи.

Дејвид Век, аналитичар во консултантската компанија „Џеј-Би-Си енерџи“ со седиште во Виена, стравува дека ситуацијата во Либија ќе има многу поголемо влијание врз нафтениот пазар отколку другите немири во регионот.

„Случувањата во Египет, на пример, беа битни како земја-транзит, но што се однесува до производството на нафта, јасно е дека Либија е најважна“, коментира Век.

Либија е 12-от најголем извозник на нафта во светот. Според Меѓународната енергетска агенција, земјата произведува околу 1,6 милиони барели нафта дневно, што е околу 2% од глобалната побарувачка.

Век истовремено е и оптимист, дека долгорочните последици од од актуелната ситуација сепак нема да бидат големи.

Па сепак, Кристофер Дејвидсон од Британскиот универзитет Дурам наведува дека нафтата може да има огромно влијание врз домашната политичка ситуација во Либија.

Во понеделникот, еден од синовите на либискиот лидер Муамер Гадафи во обраќање до нацијата предупреди дека граѓанската војна може да резултира со горење на либиската нафта од страна на „разбојници, криминалци, банди и племиња“.

Дејвидсон смета дека фактот дека персоналот на нафтените компании ја напушта Либија е лош знак за раководството во земјата.

„Ова не е особено лоша вест за опозицијата. Опозицијата ова го гледа како неопходно и неизбежно. Како и да е, сигурен сум дека секоја нова демократска власт во Либија ќе биде мошне реалистична и ќе знае дека мора да ги врати мулнинационаланите концесии, бидејќи на Либија и` е потребен технолошки трансфер“, наведува Дејвидсон.

Бритиш петролеум во 2007-та година постигна договор за нафтено дупчење во Либија вреден најмалку 900 милиони долари.

XS
SM
MD
LG