Британија ќе испрати армиски советници во Либија за да им помогне на опкружените бунтовници.
Секретарот за надворешни работи Вилијам Хаг денес најави дека екипа од десетина искусни армиски советници би им помогнала на бунтовниците во организацијата, логистиката и комуникациите. Хаг рече дека тие самите не би учествувале во напади врз либиските владини сили, ниту пак би снабдувале со оружје.
Во исто време, НАТО претставници соопштија дека има “граници“ во користењето на воздушната моќ за заштита на либиските цивили.
Францускиот министер за надворешни работи Ален Жипе призна дека ситуацијата во Либија е тешка, но дека Франција е против испраќање на копнени сили.
Авионите на НАТО утрово бомбардирале неколку цели близу главниот град Триполи. Претставници на Алијансата велат дека целта на нападите биле командните и контролни објекти, како и комуникационата инфраструктура. Била бомбардирана и елитната 32-ра бригада, која се смета за предводник на нападите врз цивилното население.