Претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер размени остри зборови со Белата куќа за легалноста на американската армиска акција во Либија.
Републиканецот Бејнер и други законодавци, и републикански, и демократски, велат дека претседателот е обврзан со закон да побара конгресна согласност за мисијата во Либија, но Белата куќа мисли спротивно.
Во извештајот до Конгресот во средата, Белата куќа истакнува дека американските сили имаат „ограничена, поддржувачка“ улога во Либија, што не претпоставува вид на воена акција за која претседателот треба да побара одобрение.
Бејнер во четвртокот одговори велејќи дека САД трошат 10 милиони долари дневно на дејствија што вклучуваат напади со беспилотни летала и бомбардирање на резиденцијата на либискиот водач Моамар Гадафи. Тој смета дека тоа јасно покажува дека САД очигледно вклучени во воена акција и се закани дека ќе предложи легислатива со која би се прекинало финансирањето на операцијата во Либија под раководство на НАТО.
Белата куќа возврати преку портпаролот Џеј Карни кој кажа дека претседателот „едноставно не се согласува“ со проценката на Бејнер. Тој подвлече дека нема американски сили на теренот, американските сили не се вклучени во „активна размена на оган“ и нема американски жртви.
Според законот за Воени овластувања од 1973-та година, американските сили треба да се повлечат од воените операции на 90-от ден од нивниот почеток, освен доколку Конгресот не одобри продолжение.
Дебатата за тоа дали акцијата во Либија спаѓа под овој закон продолжува. Во недела ќе биде 90-от ден од почетокот на армиската операција.