Американските и јужнокорејски бродови веќе трет ден ја изведуваат воената вежба во Јапонското Море. Вежбата ќе трае четири дена, а целта е да се одврати севернокорејската агресија.
Активностите во вторникот се одвиваа на околу 120 километри источно од Корејскиот Полуостров и јужно од територијалните води на Северна Кореја.
Американскиот вице-адмирал Ден Клојд за известувачот на Гласот на Америка стациониран на носачот на авиони „Ју-Ес-Ес Џорџ Вашингтон“, изјави дека со вежбите Северна Кореја се предупредува да не презема идни агресивни чекори.
Заедничката воена вежба уследи по потопувањето на јужнокорејскиот воен брод во март, за што се товари Северна Кореја.
Вежбите се одвиваат истовремено со 57-та годишнина од примирјето со кое се стави крај на тригодишната Корејска војна.