САД тврдат дека Северна Кореја можеби крие и други нуклеарни капацитети за потенцијална армиска употреба, откако претходно откри дека гради постројка за збогатување на ураниум.
Американскиот пратеник во Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) Глин Дејвис четвртокот изјави дека постои јасна веројатност дека Северна Кореја изградила и други капацитети за збогатување на ураниум на своја територија. Тој говореше на состанокот на гувернерите на ИАЕА во Виена.
Вашингтон верува дека Северна Кореја започнала со обидот за збогатување на ураниум далеку пред април 2009-та, кога официјален Пјонгјанг тврди дека започнал најновиот проект за таа цел.
Северна Кореја претходно неделава објави дека има постројка за збогатување на ураниум со илјадници оперативни центрифуги, способни за производство на гориво за реактор што во моментов е во изградба. Пјонгјанг наведе дека капацитетот е за мирнодопско производство на енергија.
Процесот на збогатување на ураниум би можел да и` даде на Северна Кореја алтернативни начини за производство на нуклеарно оружје, покрај нејзината веќе обелоденета програма за оружје врз база на плутониум.
Директорот на ИАЕА Јукија Амано четвртокот изрази голема загриженост за новата постројка на Северна Кореја.