Израел соопшти дека ги забрзува напорите за депортација на речиси 700 странски активисти приведени за време на операцијата на израелските командоси за пресретнување на конвојот бродови што пренесувале хуманитарна помош за Појасот Газа.
Автобуси со преку 120 од депортираните активисти од Израел пристигнаа во Јордан. Во групата се наоѓаат и 30 Јорданци, како и државјани на Индонезија, Пакистан и бројни арапски земји кои немаат дипломатски односи со Израел, вклучувајќи ги Мавританија и Јемен.
Некои од активистите се пожалија на брутален третман од Израелците.
Израел соопшти доцна во вторникот дека планира да ги депортира сите про-палестински активисти. Некои веќе се испратени дома. Портпаролот на премиерот Бенџамин Нетанјаху изјави дека меѓу ослободените се наоѓаат и 20-тина активисти за кои Израел се закани дека ќе спроведе судска постапка заради наводен напад врз израелските командоси.
Командосите убиле најмалку деветмина активисти рано во понеделникот откако упаднаа на турскиот брод што ја предводел флотилата. Четворица од загинатите биле турски државјани.
Нападот предизвика бран на осуда од меѓународната заедница.