Линкови за пристапност

19 години независна Македонија


19 години независна Македонија
19 години независна Македонија

Наспроти новиот извештај од Брисел за напредокот на земјата на патот кон евроинтеграциите, од што зависи одредувањето на датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, Македонија денес со разни манифестации го прославува роденденот.

„Македонија денес за нашето утре гласаше вака...“, го започна директниот пренос Радио Скопје на 8-ми септември 1991-ва година од централниот скопски плоштад, најавувајќи ги резултатите од спроведениот референдум, на кој излегоа 72,16% од вкупниот број тогашни граѓани со право на глас, а од кои над 95% одговорија позитивно на прашањето: “Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.

На десетиците илјади присутни вечерта на плоштадот и на целата македонска јавност преку директниот пренос им се обрати и претседателот на државата Киро Глигоров, кој им ја честиташе „слободна, суверена и самостојна Македонија“. Претходно, на 25-ти јануари 1991-ва година, пратениците од првиот состав на македонскиот повеќепартиски парламент ја усвоија Декларацијата за независност, а изразената волја на народот на референдумот, за своја, суверена и независна држава и формално се потврди со Декларацијата за прифаќање на референдумските резултати усвоена во Собранието на Република Македонија, на 18-ти септември 1991-ва. Потоа следуваше усвојувањето на новиот Устав на државата на 17-ми ноември 1991-ва, по што Македонија го започна својот пат како независна држава во Европа и во светот.

Во своето 19-годишно опстојување, Македонија се здоби со меѓународно-правен субјективитет на 8-ми април 1993-та година со приемот со акламација на Генералното собрание, како 181 полноправна членка на Обединетите нации. Република Македонија во ОН беше примена под рефренцата Бивша југословенска Република Македонија (FYROМ), поради неприфаќањето на нејзиното уставно име од соседна Грција. Независноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, па Турција, Словенија, Хрватска, Русија...Од 160 држави кои досега имаат воспоставено дипломатски односи со официјално Скопје, земјата под уставното име - Република Македонија ја признаа 123 (меѓу кои и три постојани членки на Советот за безбедност на ОН - САД, Русија и Кина), а преговорите со Грција кои под покровителство на ОН се` уште траат и се` уште се и најважната точка на политичката агенда на државата од која директно зависат нејзините евро-атлантски интеграции.

Наспроти новиот извештај од Брисел за напредокот на земјата на патот кон евроинтеграциите, од што зависи одредувањето на датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, Македонија денес со разни манифестации го прославува деветнаесетиот роденден.

Празникот го честитаа бројни државници. Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов доби честитка од американскиот колега Барак Обама во која пишува: „Ја поддржуваме Македонија која продолжува на реформскиот пат и се движи кон интеграција во евро-атлантските институции. Верувам дека нашето партнерство дополнително ќе се засили и продлабочи како што ја продолжуваме нашата соработка за да оствариме толеранција, мир и просперитет за да го унапредиме човековото достоинство“.

Премиерот Никола Груевски им го честита Денот на независноста на граѓаните на Македонија со порака: „И покрај сите предизвици и потешкотии со кои се соочувавме и се соочуваме, Република Македонија и нејзините граѓани, покажувајќи висока демократска зрелост, не отстапија од остварувањето на идејата за дополнителен развој на демократското и просперитетно општество, унапредувањето на општествените процеси, засилувањето на државноста и интеграцијата во европското и евро-атлантско семејство на народите, каде што природно, вредносно и цивилизациски припаѓаме“,

Покрај свечените тонови, имаше и по некој критички тон, како ставот на професорот Јове Кекеновски кој за скопско „Време“ ја изнесе оценката дека Македонија во 19-те години самостојност, генерално, не може да се пофали со прогрес каков што имаа другите социјалистички држави од Европа. Оценувајќи дека Македонија се движи „два чекора напред, еден назад, место да граби три чекори напред, а еден назад“, Кекеновски изјави: „Во Македонија за овие 19 години не видовме национален консензус за ниту едно прашање. Политичарите да беа посовесни, поусогласени, а чувството за државност да беше поголемо, Македонија ќе чекореше напред со побрзо темпо“.

XS
SM
MD
LG