Линкови за пристапност

Американски пасоши на Македонци во Конгресната библиотека


Конгресна библиотека - Македонски имигранти
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:52 0:00

Во библиотеката во Вашингтон се сочувани околу 1.000 копии од барања за документи на првите Македонци, кои имигрирале во САД, од 1795 до 1925 година

Во Конгресната библиотека во Вашингтон има копии од најмалку 1.000 барања од Македонци, кои аплицирале за американски пасош.

Тоа се документи на првите Македонци, кои имигрирале во САД, од 1795 до 1925 година.

Во книгата за американските етнички групи во библиотеката, има трага за македонски имигранти уште од 1820-та година. Првите дошле од западните региони близу Костур, Лерин и Битола.

„Имигрантите од Македонија дошле во Америка во значителен број во раните години на 20 век. До Втората светска војна скоро сите се идентификувале како Бугари или Македонски Бугари. Наскоро тоа почнало да се менува. Иако се` уште имало најверојатно околу 50.000 Македоници кои се идентификувале себеси како Бугари или Македонски Бугари, се појавила група на Македонски Американци, која се нарекувала Македонци“, пишува во книгата.

Во неа се наведува дека Македонските Американци се релативно мала група со многу комплицирана историја, и оти не е лесно да се утврди кој е член на оваа група.

Македонците обично биле заведувани дека доаѓаат од Турција, Србија, Грција и Бугарија.

Во отсуство на веродостојна статистика, се верува дека до крајот на Втората светска војна, имало меѓу 50.000 до 60.000 Македонци во Америка.

“Нема начин да се утврди точниот број на македонски Американци, но спред специјалната институција која била формирана во Социјалистичка Република Македонија, се пресметува дека има меѓу 120 до 150 илјади”, се вели во записите за Македонија.

Конгресната библиотека ги чува и списоците на натурализирани Македонци, како и листите на екипажот во бродовите, со кои тие пловеле кон САД.

Повеќето од имигрантите патувале прво до Франција и до Германија, каде поминувале неколку дена во кампови, пред да се заминат за САД.

Околу 80 проценти од тие кои дошле пред Првата светска војна биле земјоделци, кои имигрирале од економски причини.

Зошто, пак, денес Македонците се иселуваат во САД, одговори Мето Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон.

„Економската имиграција е дефинитивно застапена. Во последните неколку години, неколку илјади Македонци се имаат иселено во САД, претежно студенти кои остануваат да работат после. Можам да кажам дека мнозинството на ОМД се токму тие студенти кои дошле од 1992 година, и останале и се вработиле во американски компании, и создаваат фамилии во САД“, вели Колоски.

Според последните податоци на Одделот за домашна безбедност, објавени во јануари годинава, вкупно 6,014 македонски граѓани допатувале во САД, и требало да ја напуштат земјата, а 250 од нив нелегално го продолжиле престојот. Тоа чини 4.16 проценти од сите посетители од Македонија.

XS
SM
MD
LG