Линкови за пристапност

Мекгру: Кредитната линија за претпазливост – финансиска гаранција

  • Јулија Велковска

Мекгру: Кредитната линија за претпазливост – финансиска гаранција

Македонија ќе биде првата земја-членка на ММФ што ќе го користи овој нов вид на кредит претставен пред околу три месеци

Во телефонското интервју за Гласот на Америка на македонски, Вес Мекгру, директорот на ММФ одговорен за Македонија изјави дека дискусиите со земјата за добивање на двегодишна кредитна линија за претпазливост од ММФ од околу 480 милиони евра, отпочнале уште пред финансиската криза во Ирска, така што не се конкретно поврзани со најновите настани.

„Сепак, важно е да се има предвид претставата дека постојат ризици кога станува збор за Македонија што потекнуваат од надворешни настани и кризи во Европа. Заради, според нашите оценки, продолжителниот голем ризик однадвор, корисно е Македонија да има ваков кредит“, истакна Мекгру.

Не се очекува Македонија да ја употреби кредитната линија за претпазливост и затоа и носи назив – претпазливост, објаснува тој. Македонија би започнала да ги користи средствата по потреба, во случај на влошување на околностите и некои од ризиците.

„На мерката треба да се гледа како на безбедносен чекор, како гаранција, како план Б. Исто така, ова не треба да се сфати како одреден ефтин извор на финансирање, туку целта е меѓу јавноста да се обезбеди голема доза на доверба и сигурност, и, доколку е потребно, на располагање има голема сума на пари и може да се искористат“, вели претставникот на ММФ.

Македонија ќе биде првата земја-членка на ММФ што ќе го користи овој нов вид на кредит претставен пред околу три месеци. Мекгру истакна дека интересот дошол директно од македонските власти и во случајот исполнети се двата принципа.

„Едниот е самото барање, а другиот е, земјата ги исполнува стандардите за одржување на стабилна економска политика“, вели Мекгру. Тој ова го објаснува со фактите дека Македонија има ниско ниво на јавен долг, минато на стабилни јавни финансии, ниско ниво на инфлација, стабилна монетарна политика и финансиски сектор. Сите овие позитивни елементи придонесоа таа да се квалификува во категоријата на земји-членки на ММФ кои можат да побараат ваков кредит, наведува Мекгру.

На најавата на генералниот директор на ММФ Доминик Штраус-Кан за брза заложба од Извршниот одбор на ММФ да ја одобри кредитната линија, Мекгру рече дека постапката би се одвивала според нормалните процедури.

„Не се работи за вонредна ситуација и наскоро планираме да го изготвиме извештајот. Потоа, очекуваме Одборот да го разгледа барањето, секако ќе предложиме тоа да биде одобрено и одговор би требало да имаме кон средината на јануари идната година“, рече Вес Мекгру.

На барањето да ја коментира актуелната економска ситуација во Македонија овој експерт подвлече дека земајќи ја предвид рецесијата во 2009-та, опоравувањето се одвива со нешто побавно темпо и ММФ очекува економски растеж во земјата од нешто над 1% за 2010-та. За 2011-та, сликата е подобра, со очекувани околу 3,5%.

XS
SM
MD
LG