Најновата верзија на популарниот Ај-фон на Епл четвртокот беше пуштена во продажба. Пред продавниците на компанијата ширум светот купувачите во редици чекаа за да бидат меѓу првите со најновиот производ.
Ај-фон 4 беше претставен во Јапонија, Франција, Германија, Британија и САД, a подоцна месецов ќе се појави и на пазарите во други земји.
Минатата недела, компанијата доби рекордни 600.000 предвремени нарачки за мобилниот телефон, а аналитичарите велат дека Епл може да постави уште еден рекорд преку продажба на еден милион телефони во еден ден.
Новиот Ај-фон е побрз, потенок, нуди опција на телефонски разговори преку видео-линк, висок квалитет на видео- материјалите и можност за истовремена работа на повеќе програми.
Иако Епл и натаму доминира на пазарот со таканаречените „умни телефони“, се соочува со се` поголема конкуренција од компании како Гугл, кој својот прв мобилен телефон го претстави порано годинава.