Линкови за пристапност

И индустријата на забава жртва на рецесијата


И индустријата на забава жртва на рецесијата

Холивуд досега практично беше отпорен на рецесијата. Но, работите се менуваат.

Луѓето честопати се свртуваат кон забава во тешки економски времиња. Холивуд досега практично беше отпорен на рецесијата. Но, работите се менуваат. Големите студија тешко прават профит, а некои веќе ги затвораат одделите за продукција.

Сегашниот пазар дава шанса на нискобуџетските филмови.

„Зад твоите очи“ е психолошки трилер што наскоро треба да се појави во кино-салите. Се работи за нискобуџетска продукција, што со добар маркетинг, може да оствари добар профит.

Филмот го направи Весувио ентертејнмент, мала независна компанија. Извршниот продуцент Грег Симс вели дека добрите нискобуџетски филмови наоѓаат место на пазарот:

„На гледачите им е интересна промената на бизнис-моделот. Поголемите филмови, со ретки исклучоци, не минуваат добро како порано“.

Еден од исклучоците е Аватар. Оваа научна фантастика оствари фантастични 2,5 милијарди долари откако покрај САД, започна да се прикажува и по светот.

Аватар чинеше и многу пари за да се направи. За разлика од него, еден хорор-филм може да се направи со мал буџет.

Во 1997-ма, Симс бил вклучен во правењето на филмот „Допри ме“. Вели дека новата дигитална технологија помага во намалување на трошоците: „Режисерите кои снимаат филм од 1,5 или два милиони долари имаат проблеми со враќање на парите, а сега се појавуваат филмови со буџет од 100, 200 или 250.000 долари“.

Според него, клучот за успех на вакви филмови е добра продукција и маркетинг: „Мојата работа е да се прилагодам на промените на пазарот, што се случуваат секој час, а не како порано, секоја година“.

Со филмови од типот на „Зад твоите очи“, Симс вели дека може да направи профит со продажбата на копии на ДВД, дигитално преземање од Интернет-страници и меѓународна дистрибуција.

XS
SM
MD
LG