Американскиот главен правобранител Ерик Холдер ја повикува Кина да го ослободи добитникот на овогодишната награда за мир Лиу Џиаобао кој се наоѓа во притвор.
За време на посетата на Хонконг, Холдер истакна дека американската влада смета дека признанието на Лиу е „добро заслужено“ и го повика Пекинг да ги почитува обврските за почитување на човековите права.
Сепак Холдер подвлече дека нема да ја покрене темата за време на овонеделните средби со високо рангирани кинески претставници на кои ќе стане збор за кражба на интелектуална сопственост.
Кина е извор број еден за фалсификувани производи извезувани во САД.
Пекинг остро ја осуди одлуката за доделување на Нобелова награда на Лиу кому му е одредена 11-годишна казна затвор под обвинение за обид за уривање на актуелната влада. Тој е коавтор и потписник на манифестот Повелба 8 кој повикува на политички реформи во Кина.