Линкови за пристапност

ДНК на дарител може рано да идентификува отфрлање на пресадено срце


ДНК на дарител може рано да идентификува отфрлање на пресадено срце
ДНК на дарител може рано да идентификува отфрлање на пресадено срце

Нов метод може да ја подобри успешноста на операциите на трансплантација на органи

Човечкиот имунолошки систем е програмиран да отфрла туѓи тела. Токму тоа е и начинот на кој се справуваме со инфекции. Ова воедно е и една од најголемите пречки при трансплантација на органи – телото го третира органот како туѓо тело.

Затоа, пациентите по трансплантацијата мора да земаат силни лекови за сузбивање на имунитетот, но отфрлањето се случува и покрај тоа. Доколку се открие доволно рано, лекарите може да бидат во можност да ја прилагодат терапијата, и евентуално да направат друго пресадување, под претпоставка дека има орган на на располагање.

За мониторинг на евентуално отфрлање на срце, лекарите вршат преглед на новото срце за знаци за отфрлање на секои неколку месеци преку биопсија, што е прилично примитивно.

Научникот Стефан Квејк од Универзитетот Стенфорд вели дека е пронајден подобар начин што одговара на 21-от век.

„Клучно е да се разбере дека трансплантацијата на срце е всушност трансплантација на геном. Кога во вашето тело ќе биде всадено нечие туѓо срце, сите клетки во тој орган ги имаат гените на донорот. Затоа, доколку ја следите ДНК преку крвта, може точно да одредите која ДНК доаѓа од срцето наспроти онаа од другите органи, според тие мали разлики во геномот.“, вели Квејк.

Научниците долго време знаеја дека крвта содржи делови од ДНК, кои биле во клетките кои оттогаш веќе не постојат. Доколку срцето кое е всадено во друго тело биде отфрлено, ќе се појават повеќе мртви клетки и ќе се добие повеќе ДНК.

„Кога органот е отфрлен, вашиот имунолошки систем практично го напаѓа, клетките повеќе не се здрави и почнуваат да умираат, така што практично го префрлаат нивниот геном во крвта. Затоа се очекува зголемување на количината на ДНК во крвта да биде директна последица од оштетување на срцето“, објаснува Квејк.

За ова истражување Квејк вели дека го користел искуството на пациенти со извршена трансплантација на срце, но вели дека верува оти истиот метод може да се употреби и за други видови на трансплантација на органи.

XS
SM
MD
LG