Претседателот Обама годинава по тешка политичка битка успеа во намерата Конгресот да донесе закон за реформа на здравствениот систем што меѓу другото ќе обезбеди здравствено покритие за десетици милиони неосиурани Американци. САД не само што се далеку од универзално здравствено осигурување, туку и пред реформата се исправија правни предизвици.
Пред бесплатната еднодневна клиника во Вашингтон се формира долга редица уште пред отварање. Тука ја сретнавме Џеклин Нелсон. Не е осигурана, иако има работа. И покрај ризикот, досега не купила здравствено покритие, бидејќи и` е прескапо.
„Страшно е. Внимавате што јадете, живеете здраво и сте сам свој лекар, се` додека не сфатите дека не можете се` сами да правите“, раскажува Џеклин.
Лекар и` рекол дека мора да направи операција на тироидната жлезда, што може да чини илјадници долари. Затоа дошла во клиниката - да добие второ стручно мислење, бесплатно.
Во само еден ден, клиниката во американскиот главен град се претвора во најголемата лекарска ординација во земјата. На речиси 2.000 лица им се нудат најразлични третмани, но не и оперативни зафати. Клиниката ја финансираат приватни донатори, а лекарите и другиот персонал работат бесплатно.
„Тука на едно место се најдоброто и најлошото од Америка: илјадници волонтери, но и ситуација што принудила илјадници да побараат бесплатна здравствена нега“, коментира Никол Ламуро, која е на чело на Националната асоцијација на бесплатни клиники.
Бенито Дијаз не бил на лекар четири години - не можел да плати. Се надева дека ќе се квалификува за осигурување што би го спонзорирала владата според новиот закон за реформа на здравството.
„Ме загрижува што ќе се случи на конгресните избори во ноември“, вели Дијаз.
Доколку на изборите победат републиканците, некои пациенти стравуваат дека здравствената реформа, што стана закон во март, би можела да биде доведена во опасност. Тоа не е се`: владите на 20 сојузни држави се подготвуваат да го обжалат законот. Оттаму, бесплатните клиники како оваа сега-засега се најблиското нешто до универзално здравствено осигурување што може да го добие Америка.