Белата куќа издаде нова извршна наредба за продолжување на судските процеси во притворниот центар во Заливот Гвантанамо, по опсежна ревизија на правните опции применливи за наводните терористи.
Претседателот Барак Обама вети подобра заштита на правата на затворениците, по критиката од страна на групите за заштита на човековите права и други земји за недостаток на фер судење.
Во извршната наредба се наведува дека администрацијата на претседателот останува определена за евентуално затварање на притворниот центар, каде во моментов се околу 170 лица осомничени за тероризам. Во документот стои и дека американскиот правен систем и натаму е клучен дел во војната против терористите на Ал Каида.
Виши претставници на администрацијата велат дека извршната наредба ги потенцира американските безбедносни потреби и вредности.
Мејсон Клатер е адвокат во „Конститушн проџект“ со седиште во Вашингтон. Тој вели дека организацијата нема јасен став за одлуката на претседателот. Овој адвокат додава дека многумина од притворениците во центарот на Гвантанамо се товарат за материјална поддршка на тероризам и за заговор, а се` уште се води расправа дали тоа се квалификува за воено злосторство.
Претседавачот на Комисијата за оружени служби во Претставничкиот дом, републиканецот Хауард Мекион, вели дека бил разочаран што претседателот Обама по прашањето се произнел преку извршна наредба наспроти легислатива. Мекион сепак ја поздрави неговата одлука. Друг републиканец, пак, претседавачот на Комисијата за правосудство во Претставничкиот дом, Ламар Смит, изјави дека се надева оти Обама ќе се откаже од ветувањето за затварање на притворниот центар.
Белата куќа истакна дека некои од притворениците мора и натаму да се држат во центарот иако за нив нема издадено официјално обвинение, бидејќи тие и натаму се во војна во САД.
Легислатива усвоена порано годинава не дозволува употреба на фондови од одбраната за трансфер на притвореници од Гвантанамо во САД заради судење во американски цивилен правосуден систем. А во Конгресот се во тек напори за забрана на користење на владини пари за такви трансфери.