Во тек е штрајк низ цела Грција додека синдикатите го продолжуваат протестот против голема лепеза скратувања на трошоците чија цел е спас на земјата од банкротство.
Поради штрајкот во прекин е авионскиот, железничкиот и водниот сообраќај во земјата.
Училиштата и приватните канцеларии се затворени, додека болниците се отворени, но со намален персонал.
Вработените во јавниот и приватниот сектор се очекува да ги здружат силите во голем собир по што ќе следи протестен марш низ централна Атина.
Грчките законодавци се очекува уште во четврток да гласаат за 40-те милијарди долари зголемување на даноците и буџетските скратувања, за возврат на 146-те милијарди долари пакет-помош што ЕУ и ММФ ги даваат за спас на грчката економија.
Мерките вклучуваат и скратување на пензиите и замрзнување на платите, што се смета дека особено ќе ги погодат сиромашните.
Германија, која ќе обезбеди голем дел од помошта, предупреди дека заемот ќе биде прекинат доколку Грција не успее да ги спроведе планираните мерки за штедење.