Линкови за пристапност

Стравувањата од прелевање на грчката криза


Првите луѓе на ММФ и Европската централна банка во средата се сретнаа во Берлин на разговори со канцеларката Ангела Меркел и други виши претставници.

Европските и светски лидери ги интензивираат напорите за постигнување на договор за пакет помош за извлекување на Грција од финансиска криза. Задолженоста на официјална Атина предизвикува загриженост дека кризата може да се прелее и на други европски земји и неповолно да влијае на употребата на еврото како сопствена валута.

Првите луѓе на Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка во средата се сретнаа во Берлин на разговори со канцеларката Ангела Меркел и други виши претставници. Целта е постигнување на договор за усвојување на пакет-помош за спас на Грција од финансиската криза.

Директорот на ММФ Доминик Штраус Кан, вели дека и натаму е убеден дека решение е можно:

„Тоа ќе значи дека грчката влада ќе мора да примени мошне смели мерки, но тие се подготвени за тоа. Од оваа страна, сум сигурен дека ќе добиеме резултати многу брзо. Исто така треба да ја обновиме довербата во солидарноста на ЕУ за обезбедување - особено во еврозоната - ресурси заедно со ММФ. Доколку сето ова се одбива брзо, навистина сум убеден дека проблемот ќе биде решен“.

Грција е во преговори со земјите-членки на ЕУ и со ММФ за обезбедување на помошта – средства што би ги искористила за навремена отплата на долговите.

За возврат, Грција е под притисок за реструктурирање на својата економија и имплементација на строги финансиски мерки.

Ова направи просечните Грци да се почувствуваат загрижено, збунето и гневно, вели новинарката Анти Карасава која за Гласот на Америка известува од Атина:

„Грците едноставно не знаат што ќе им донесе следниот ден, што значи овој пакет помош на ЕУ и ММФ и како ќе се одрази на нивните џебови“

Гневните работници во јавниот сектор средата излегоа на штрајк поради скратувањата на работни места и бенефиции, а веќе за наредната недела е закажан дополнителен штрајк.

Анкетите покажуваат дека мнозинството Грци се против помошта на ЕУ-ММФ и на неа гледаат како на мешање однадвор.

Загриженоста за потенцијален колапс на грчкиот финансиски систем ги разниша светските пазари. Доминик Штраус Кан додава дека помошта е императив, бидејќи грчката криза може да се прошири и во други земји во ЕУ.

Германија, најголемиот потенцијален приложувач, покажа воздржаност околу изготвувањето на пакет-помошта за спас на Грција, а постои и мала домашна поддршка за позајмувањето на средствата.

Пакетот-помош на ЕУ и ММФ за Грција се очекува да изнесува 60 милијарди долари, но некои европски претставници во средата изјавија дека крајниот износ ќе биде уште поголем и во наредните три години ќе ја достигне сумата од околу 160 милијарди долари.

XS
SM
MD
LG