Линкови за пристапност

Груевски пред средбата со Папандреу во Брисел: неблагодарно е да се прогнозира


Груевски пред средбата со Папандреу во Брисел: неблагодарно е да се прогнозира
Груевски пред средбата со Папандреу во Брисел: неблагодарно е да се прогнозира

Меѓународните фактори гледаат можност за обострано прифатливо решение, а познавачите на ситуацијата во Македонија не очекуваат битно поместување.

Премиерот Никола Груевски средата и четвртокот е во Брисел, на средби по кои се очекува напредок во процесот на преговорите со Грција.

Во распоредот на Груевски се средби со претседателот на Европскиот Совет Херман Ван Ромпуј и со претседателот на Европскиот парламент Јержи Бузек, по што ќе уследи и средба со грчкиот премиер Јоргос Папандреу.

Интересот на јавноста е насочен кон утрешната средба Груевски-Папандреу, за која иницијативата произлезе од македонскиот премиер, а беше прифатена од грчка страна по неколкуте изјави дека таа треба и сериозно да се подготви.

Груевски пред средбата кусо изјави дека е неблагодарно да се прогнозира нејзиниот успех со оглед на тоа што станува збор за тежок и многу сериозен проблем. Конкретните најави завршуваат со изјавата на шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски дека секоја размена на идеи и мислења може да биде полезна за билатералниот спор.

Првиот човек на опозициониот Социјалдемократски сојуз на Македонија Бранко Црвенковски, пак, инсистира да се разјасни позицијата на македонската влада.

„Во изминатиот период се изнаслушавме информации за ставовите на грчката Влада. Она што на никого во Македонија не му е јасно е кој е ставот на македонската Влада, кој е ставот на Никола Груевски, со кој став тој утре ќе се сретне со грчкиот премиер Папандреу“, рече Црвенковски.

Тој повтори дека СДСМ го охрабрува Груевски да го решава проблемот, да ги деблокира евро-атлантските интеграции и дека ќе поддржи секое решение што е прифатливо за Груевски, а во исто време го гарантира националниот идентитет на македонскиот народ - името на јазикот македонски, а името на народот македонски.

За американскиот амбасадор Филип Рикер, средбата е извонредна можност Груевски и Папандреу да разговараат и да постигнат напредок околу прашањата што ги оптоваруваат односите меѓу двете земји и да помогнат за придвижување на преговарачкиот процес.

„Во овој критичен момент тоа е од големо значење за економскиот раст и за напредокот на Македонија, како и за целиот регион. Затоа, сега е вистинскиот момент со посредство на ОН да се најде решение за овој проблем“, кажа Рикер.

Коментаторите во Скопје не очекуваат напредок во процесот што би довел до решение на спорот до јуни, како што се залага ЕУ.

Нема да има решение до јуни,тврдат Васко Попетревски, уредик во Дневник и Слободан Чашуле од неделикот Форум. Во успех на средбите се сомнева и поранешиот министер за надворешни работи, професорот Денко Малевски.

„Додека ние не видиме и не забележиме дека нешто во домашната политика битно се менува, мислам дека не може да се очекува од надворешните притисоци да се оствари тоа очекувано поместување“, вели Малевски.

Пред средбата, алтернативниот шеф на грчката дипломатија Димитрис Друцас изјави дека името Република Северна Македонија е прифатливо за Грција. Официјално Скопје на ова реагираше како на веќе познат грчки став што не ја изложува вистинската димензија на проблемот, а тоа е задирањето во македонскиот идентитет.

Нашите соговорници Слободан Чашуле и Васко Попетревски тврдат дека двете страни на средбата во Брисел не доаѓаат со намера да го решат спорот, туку нивна цел е повеке да покажат пред меѓународната заедница дека се конструктивни во целиот процес.

XS
SM
MD
LG