Линкови за пристапност

Македонската влада бара нови промотори


Премиерот на Република Македонија Никола Груевски на бизнис-форумот во Мајами во 2012-та
Премиерот на Република Македонија Никола Груевски на бизнис-форумот во Мајами во 2012-та

Би ги промовирале поволностите за инвестирање во Македонија пред бизнис-заедницата во САД

Владата на Република Македонија најави нови активности за привлекување на инвеститори од САД.

Владина делегација на чело со премиерот Никола Груевски ќе замине во САД да ги промовира поволностите во Македонија за странски инвеститори пред претставници на американската бизнис-заедница. Воедно, Владата објави и оглас со којшто бара тројца нови промотори на Македонија во САД. Тие ќе работат во Њу Џерси и Конектикат, во Далас и Хјустон, и во Минеаполис. Заинтересираните имаат рок до 10-ти ноември да се пријават во Агенцијата за странски инвестиции.

„Се става поголем акцент на Соединетите Американски Држави кои и досега инвестираат во земјава, а имаат огромен потенцијал“, кажа владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Заинтересираните треба да имаат барем двегодишно работно искуство, а треба и да наведат како замислуваат да привлечат странски инвестиции.

До крајот на ноември, треба да бидат избрани економски промотори и за Шангај, Гван Џу и Осло, а започнува изборот и на кандидатите за Единбург и Франкфурт.

Според последните податоци на Народна банка, во првите осум месеци од годината во Македонија влегле околу 176 милиони евра странски инвестиции. Споредено со истиот период минатата година, тоа е пад од над 11 милиони евра.

XS
SM
MD
LG