Предлог-програмата и составот на идната влада стигна во Собранието. Мандатарот Зоран Заев, придружуван од 19-те идни министри, ги достави документите до Парламентот.
Заев уверува дека граѓаните ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна влада, чии стратешки приоритети остануваат НАТО и Европската унија, добри меѓусоседски и меѓуетнички односи, внатрешна кохезија, справување со коронавирусот и создавање економски раст.
„Денеска како мандатар до Собранието доставувам предлог за влада која е подготвена да сработи во полн четиригодишен мандат. Со мене денес се 19 министри и министерки. Сите заедно се обврзуваме дека ќе водиме напред, секој ден, секој час, дека ќе работиме уште повеќе и подобро, и дека ќе побараме од секој од вас, од секој граѓанин уште поголемо учество“, рече Заев.
Опозицијата не гледа промена во новата-предлог влада.
„Владата која ја предлага Зоран Заев не е никаков нов почеток, туку продолжување на спрегата на стари истрошени и транзициски кадри, криминалот и корупцијата“, вели Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
Мандатарот најави, како што ја нарече, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, прочистување на правосудството и проверка на потеклото на имот на сите функционери. Прашањето е кога ќе стартува со работа оваа влада?
„Очекувам, претседателот на Собранието, Талат Џафер да даде доволно време пратениците добро да се запознаат со Предлог- програмата, но, и со биографиите на предложените кандидати. Очекуваме квалитетна дебата во Собранието и дека овие предлози ќе го добијат потребното мнозинство“, рече Заев.
Најавите се дека веќе на почетокот на идната недела земјава ќе ја добие новата влада.
Facebook Forum