Линкови за пристапност

Лидерите на Г-20 ветуваат намалување на владините дефицити


Лидерите на Г-20 постигнаа компромис, поддржувајќи го принципот дека финансиската индустрија може да плати за идна криза, но на секоја од земјите и` оставија слобода да изнајде начини за креирање на фондови за таа намена.

Лидерите на Групата-20 велат дека глобалното економско опоравување е ранливо и се соочува со сериозни предизвици, вклучувајќи и растечки владин дефицит.

Грчката криза покажа дека големите дефицити можат да предизвикаат загриженост кај позајмувачите за евентуална неможност на исплата на кредитите, што е пречка за нови заеми, а тоа, пак, ја закочува целата економија.

Канадскиот премиер Стивен Харпер ги повика колегите од индустријализираните земји да го преполоват својот дефицит во рок од три години, но тоа да го направат внимателно.

„Мора да се реагира внимателно. Да се одржи опоравувањето е императив што го следиме преку постоечките стимулативни планови, но истовремено развиените земји мора да испратат јасна порака дека со истекувањето на нашите стимулативните планови ќе се фокусираме на уредување на нашите фискални системи“, истакна Харпер.

Тој додаде дека скратување на дефицитот премалку или пребавно може да се одрази на довербата на инвеститорите. Од друга страна, ако скартувањата засечат премногу длабоко или се пребрзи, тогаш се ризикува загуба на потенцијалниот економскиот стимул генериран од владините трошоци, нешто што критиката вели дека може да ја врати глобалната економија во рецесија.

Во финалното коминике на Г-20, изготвено зад затворени врати, се нуди и компромис за предлогот за воведување на нови даноци на банките.

Среде глобалната економска криза многу финансиски компании беа извлечени од кризата користејќи средства на даночни обврзници.

Поддржувачите на оданочување на банките велат дека финансиската индустрија, а не даночните обврзници, треба да обезбедат пари за покривање на евентуална нова криза. Критичарите на идејата за воведување даноци велат дека тоа ќе ги стави банките во земјите што ќе се решат на овој чекор во полоша состојба, и ќе им наштети на нивните економии. Предлогот наиде на остро противење и од самите банки.

Лидерите на Г-20 постигнаа компромис, поддржувајќи го принципот дека финансиската индустрија може да плати за идна криза, но на секоја од земјите и` оставија слобода да изнајде начини за креирање на фондови за таа намена.

Учесниците на Самитот разговараа и за потребата од подобри начини за регулирање на финансиските компании и назначија експертски групи за рафинирање на предлозите за новиот собир на Г-20 во Сеул, Јужна Кореја.

Експертите велат дека најважниот предлог е барање од банките да позајмуваат помали количини на пари, а повеќе да имаат во резерва.

Лидерите на меѓународната средба ветија дека ќе донираат пет милијарди долари за време на наредните пет години за да помогнат да се намали бројот на смртни случаи кај жените за време на породување, што според директорот на групата Оксфам Канада, Роберт Фокс, е далеку под 17-те трилиони, што големите држави ги употребиле за спасување на банките во екот на финансиската криза.

XS
SM
MD
LG