Американската организација „Фридом хаус“ која врши мониторинг на политичките и граѓански слободи во светот, во извештајот за 2010 година наведува дека глобалната слобода опаднала среде зголемувањето на моќта на авторитарните режими со незначителен отпор од страна на светските демократии.
Во извештајот Слобода во светот за 2010 година, оваа организација наведува дека слободата во светот за изминатата година опаднала и овој тренд е актуелен петта година по ред.
Македонија е во групата земји со статус - делумно слободни, со оценка 3, на скалата меѓу 1 и 7. Ова подобрување главно се должи на претседателските и локални избори кои се оквалификувани како фер и компетитивни, како и на имплементацијата на реформите препорачани по парламентарните избори во 2008-та година.
Македонија, стои во извештајот, изминатата година постигнала одреден напредок во однос на реформите поврзани со со кандидатурата за членство во ЕУ, но како главна пречка се наведува долгогодишниот спор со Грција околу името и нерешените прашања за нивото на автономија доделена на етничкото албанско население во земјата.
Меѓу репресивни режими во извештајот се издвојуваат Кина и Русија, заедно со Венецуела, Бурма, Гвинеја, Еритреја, Либија, Северна Кореја, Сомалија, Судан, Тибет, Туркменистан и Узбекистан.
Што се однесува до Балканот, подобрувања во политичките и граѓанските слободи се забележани на Косово кое сега се наоѓа во категоријата – делумно слободни држави. По неодамнешните избори Црна Гора е влезена во категоријата – слободни држави.
„Фридом хаус“ го објавува овој извештај речиси 40 години.