Американскиот Претставнички дом усвои мерка за безбедност на храната, која е испратена на потпис кај претседателот Барак Обама со што ќе стане закон.
Чекорот уследи по неодамнешните инциденти на труења со прехрамбени производи, како јајца, кикирики, спанаќ и домати.
Администрацијата за храна и лекови со ова добива поголеми овластувања за инспекција на погоните за процесирање на храната во САД и други земји, а може и да нареди повлекување на одредени производи од продажба. Во моментов надлежните можат да побараат повлекување на производите од самите самите компании.
Големите земјоделски поседи и производители според новата регулатива ќе мора да креираат детални планови за безбедност на продуктите и да водат белешки за евентуалните проблеми, за владата полесно да лоцира кои производи биле повлечени. Со поостри рестрикции ќе се соочат и увезените производи.
Легислативата вредна 1,4 милијарди долари беше претставена уште минатата година. Дури минатиот месец мина во Сенатот, а сега и во Претставничкиот дом.