Линкови за пристапност

ФИФА сепак ќе ја разгледа можноста за технологија на повторени видео снимки


Системот нема да претрпи никакви промени додека трае актуелниот Светски куп.

Претседателот на ФИФА Сип Блатер вели дека која било грешка на судија е за жалење и дека Бордот на Меѓународната фудбалска асоцијација што ги креира правилата на игра, ќе ја разгледа идејата за воведување на технологија за повторна видео снимка, или риплеј, за време на натпреварите.

„По ова прашање се очекува да се разговара на деловната средба на бордот во Велс во јули годинава“, истакна Блатер.

Тој сепак појасни дека системот нема да претрпи никакви промени додека трае актуелниот Светски куп во Јужна Африка.

Блатер бил присутен на обата меча каде судиите направиле наводни грешки поништувајќи два гола. Едниот за време на натпреварот Англија – Германија, а другиот Аргентина – Мексико. Тој рече дека се извинил на овие две репрезентации и оти ФИФА веќе се обидува да изнајде начини за да го подобри процесот на судење.

„Кон крајот на октомври, почетокот на ноември треба да претставиме нов начин за подобрување на судењето или како што се вели - конторлата на натпреварите “, изјави Блатер.

Од друга страна, неколкумина судии на ФИФА беа категорични дека поголемиот дел од нивните одлуки се исправни и многу мал број грешки всушност влијаеле на исходот на натпреварите.

Обожавателите на фудбалот и експертите со години наназад бараа воведување на технологијата за риплеј, за судиите да имаат можност да ги прегледаат спорните одлуки. Имаше и предлози на натпреварите да бидат назначени повеќе судии. Сепак Блатер и многумина во фудбалската хиерархија се противеа на вакви промени, велејќи дека тие се пречка за текот на играта и не ги елиминираат сите грешки.

XS
SM
MD
LG