Со настапот на Рускиот национален оркестар под диригенската палка на гостинот од Русија, Михаил Плетњов и македонскиот пијанист Симон Трпчевски на сцената на Антички театар, понедленикот започнува јубилејното, 50-то издание на фестивалот „Охридско лето“ .
Првата фестивалска вечер ќе донесе и сегменти од театарски претстави, во изведба на десет најдобри македонски уметници, а во режија на Иван Поповски и Зоја Бузалковска.
Во предвечерјето на фестивалот планирани се и две изложби. Првата е насловена „Презентација на три проекти за иднината на Охрид“ на Борис Чипан и Јоне Јанкоски во изложбениот салон на Куќата на Уранија, а втората е „Угоре високо, удолу длабоко - гола вода“ на Сергеј Цингуловски.
Поминаа педесет години од моментот кога во далечната 1961-ва година на 4-ти август, под чудесните сводови на катедралната црква Света Софија, се роди манифестација опеана и отворена од гласот на Ана Липша Тофовиќ - започна традицијата што подоцна ќе го добие името „Охридско лето“. Концертното крштевање на Света Софија, со голем ентузијазам поддржано од охриѓани и македонски културни дејци, со текот на времето прерасна во културна манифестација од светско значење.
На отворањето на ова Охридско лето продолжува уште една традиција - метеоролозите најавуваат ведро време со само 10 проценти можност за врнежи од дожд.
Фестивалот може да почне.