Линкови за пристапност

Фридом хаус вели демократијата во Македонија напреднала


Фридом хаус вели демократијата во Македонија напреднала
Фридом хаус вели демократијата во Македонија напреднала

Фридом Хаус вели дека консолидацијата на Македонија зависи од меѓуетничките односи и евроатлантската интеграција.

Во извештајот за демократски развој 2010, државите се ценети според состојбата во сите општествени сегменти, како избори, државно владеење, локално управување, граѓански институции, правосудство, медиуми и корупцијата.

Оценката за Македонија во просек е 3,79, на скалата од 1 до 7, каде седум е најнизок демократски развој.

Состојбата со медиумите доби најлоша оценка. Политички притисоци врз новинарите, нееднаков пристап за сите партии на некои од медиумите, политичко влијание од сопствениците кои истовремено се и лидери на партии, се главните забелешки кои резултираа со оценка 4,25 за независноста на медиумите. Оваа оценка важи веќе шест години наназад.

Во однос на националното владеење, во документот стои дека во 2009-та е забележан натамошен напредок во имплементирањето на одредбите од Рамковниот договор од 2001-та, особено во примена на процесот на децентрализација, употреба на јазикот на малцинствта и подеднаква застапеност во јавната администрација. Оценката, сепак, е иста – четворка, уште од 2008-ма наваму.

За изборниот процес во Македонија оценката е подобрена од 3.50 на 3.25, главно заради мирно одржаните претседателски избори во земјата. Подобрување на напорите на Македонија, според Фридом хаус, е забележано и во делот на борбата со корупцијата. Во 2009-та година владата продолжила со агресивната медиумска кампања вредна околу половина милион долари за подигање на свеста за борбата против корупцијата, се додава во документот. Усвоен е нов закон за внатрешни прашања, а во антикорупциски операции уапсени се и бројни јавни личности од администрацијата. Ова меѓу другото резултираше со подобрување на рејтингот на Македонија по ова прашање од 4,25 на 4.

Во заклучокот на Фридом Хаус за Македонија се истакнува дека нејзината консолидација зависи од меѓуетничките односи и евроатлантската интеграција. „Со дополнително одложување на влезот во ЕУ и НАТО, се ризикува пораст на национализмот во земјата, која веќе еднаш мина низ конфликт во 2001“, вели оваа организација.

XS
SM
MD
LG