Директорот на Федералното истражно биро Роберт Мулер на распитот во сенатската Комисија за правосудство, истакна дека не знае колку агенти на Еф-Би-Ај се обвинети за мамење на тест за директивите на агенцијата за набљудување.
Мулер зборуваше за новооткриениот скандал по што Главниот инспектор при Одделот за правда Глен Фајн поведе истрага.
Директорот на Еф-Би-Ај истакна дека Главниот инспектор посочил дека во одредени случаи, агентите може да биле збунети околу процедурите за тестот. Мулер рече и дека на вработените им било дозволено да ги користат своите белешки и материјали за време на тестот, но не и да им помага некој друг.
Овој тест бил дел од образовната обука за домашните директиви за надзор на Еф-Би-Ај. Мулер подвлече дека сржта на тие директиви е што агенцијата не цели на луѓе врз основа на нивната расна, етничка или верска припадност.