Во Пакистан, Русија, Кина и САД, поројните дождови и горештините однесоа илјадници човечки животи, а оставија голем број без дом. Научници на неодамнешен распит во Конгресот на САД говореа зошто тоа се случува.
Една причина – планетата станува се` потпола, го загрева воздухот, со што тој содржи повеќе вода. Метеорологот Мајкл Вејнер од Калифорнија предвидува: „Дневните температури и натаму ќе се качуваат на рекордни нивоа ширум САД и поголемиот дел од светот во догледна иднина“.
20% од Пакистан беа под вода од неодамнешните поплави. Амбасадорот на оваа земја во САД, Хусеин Хакани, на распитот кажа дека катастрофата е закана и по безбедноста.
„Се создаде можност бунтовничките и екстремистичките групи да ја искористат ситуацијата“, рече Хакани.
Пакистанските сили биле фокусирани на помошта за поплавените, со што земјата станала ранлива на безбедносен план. Хакани наведува дека една од причините за невремето била човековата негрижа.
„Нашите научници веруваат дека штетните гасови од фабриките, возилата, па дури и од фармите придонесуваат за пораст на температурата глобално“, кажа Хакани на распитот во Конгресот.
Конгресменот-републиканец Џејмс Сенсенбренер инсистираше дека глобалното загревање нема врска со екстремните временски услови.
„Ова е - како да се поврзат природните катастрофи со демократската политика за животната средина. Тоа нема да ги спречи монсунските дождови во Пакистан“, рече Сенсенбренер.
Научниците, пак, тврдат дека иако не можат да поврзат едно невреме конкретно со климатските промени и глобалното затоплување, се` поголемите штетни гасови и загадувачи произведени од човекот бездруго ќе ја зголемат веројатноста од екстремни временски услови во иднина.