Еврото важеше за успешна приказна откако влезе во употреба пред 10 години. Ги поби критичарите кои тврдеа дека единствена валута не може да опстои дури и во дел од ЕУ. Користено од дел од Унијата, познат како евро-зона, еврото беше стабилно, растеше во вредност и всушност стана втора валута по избор, веднаш по американскиот долар.
Но, последните неколку месеци, работите се влошија. Се` започна во Грција. Непосредната причина беше едноставна и кризата се создаваше две децении, вели економистот Спирос Економидес, од Лондонската школа за економија.
„Грчката влада, државата и неизбежно грчкиот народ, трошеа повеќе од она што заработуваа, така што дојде момент кога долговите владата не можеше да ги исплати, а интересот на главницата на заемите од меѓународни финансиски пазари се зголемуваа. Грција се задолжуваше се` повеќе и тоа беше обележје на грчката економија со децении“, вели овој експерт.
Грција не е единствената земја од евро-зоната со огромен долг. Политичкиот аналитичар Кристијан Шваигер од Универзитетот Дурам во североисточна Англија, вели:
„Ако ја погледнете Италија, годишните заеми не се толкави како оние на Грција, но вкупното ниво на нацинален долг е речиси 100 проценти, понекогаш и над 100 проценти од бруто националниот производ. Ова едноставно покажува недостаток на буџетска дисциплина.“
Други две земји од евро-зоната кои се соочуваат со финансиски проблеми се Шпанија и Португалија.
Економистите веруваат дека тие се во подобра ситуација за отплата на нивниот долг споредено со Грција, но сепак сметаат дека се потребни строги мерки за излез од кризата. Меѓу нив се скратувања на социјалните програми, велат експертите.
Сепак, многумина економисти вклучувајќи го и Економидес, велат дека постои фундаментален пропуст во евро-зоната што долгорочно му наштетува на оддржливоста на еврото како валута.
„Тоа е фактот што не постои европска влада, нема орган за интервенција што може да обезбеди фискална поддршка за оваа монетарна организација. Кризата јасно покажа дека моќта на Брисел за интервенција е ограничена“, вели Економидес.
А тоа нема изгледи дека ќе се промени, вели Кристијан Шваигер. Европската Комисија се обидувала тоа да го направи веќе неколку години наназад.
Во или надвор од евро-зоната, земјите-членки на ЕУ не се расположени на седиштето во Брисел да му дадат дополнителни овластувања. Сепак, Швеигер додава дека не мисли оти ова значи крај на ерата на еврото, бидејќи, како што вели тој, постојат политички и економски аспирации зад монетарната унија.
Спирос Економидес верува дека кризата можно е да се поправи, но предупредува дека се работи за голема криза што нема наскоро да биде заборавена.
Тој тврди дека ова е заради структуралните пропусти во евро-зоната. Освен тоа, штетата на еврото ги погаѓа и земјите надвор од ЕУ - сите кои тргуваат со неа.