Минатата година, низ цела Европа граѓаните изразуваа незадоволство заради потезите на владите на нивните земји за стабилизирање на еврото.
Во Грција имаше вистински улични борби кога официјална Атина ги објави новите мерки на штедење и кратење, за да добие пакет помош од ЕУ и ММФ за големиот долг. Демонстрации имаше и во Париз и Брисел.
И покрај сите овие случувања, германската канцеларка Ангела Меркел, верува во иднината на еврото.
„Обединета Европа е гаранција на нашиот мир и слобода. Еврото е основа на нашиот напредок. На Германија и` е потребна Европа и нашата заедничка валута“, изјави Меркел во новогодишното обраќање до нацијата.
На почетокот на 2011-та, Естонија стана 17-та држава и прва поранешна советска република која го прифати еврото. Се работи за релативно мала економија од 19 милијарди долари, што не се очекува да направи голема разлика во состојбата со валутата.
Слабите европски економии беа фокусот на самитот на ЕУ во декември. Тогаш лидерите се согласија на заедничка стратегија за решавање на должничките проблеми, но мерките ќе стапат на сила за три години.
Пазарниот аналитичар Мајкл Хјусон од Си-Ем-Си маркетс смета дека тоа не било решение.
„Ништо краткорочно не е решено, така што проблемите ќе продолжат и во 2011-та“, вели тој.
Британија не е дел од еврозоната, но придонесува во пакетите помош. Британските студенти не беа многу задоволни од влдините мерки за штедење и кратење. Тие и граѓаните низ цела Европа, за годинава ветуваат нови демонстрации.
Инвеститорите, пак, чекаат да видат какви економски чекори ќе преземат европските лидери годинава. Една можност е издавање на евро-обврзници, за да се распореди ризикот, но Франција и Германија се против. Германија особено, затоа што се` уште плаќа за скапото обединување и е внимателна во однос на нови пакети-помош за послабите европски економии.
Со оглед на фактот што Германија е дом на Европската централна банка и најсилна економија во Европа, се очекува земјата да има главен збор кога станува збор за иднината на еврото.