Линкови за пристапност

За почеток на преговорите со ЕУ неопходно решение за спорот со името


За почеток на преговорите со ЕУ неопходно решение за спорот со името
За почеток на преговорите со ЕУ неопходно решение за спорот со името

Најголемо внимание е посветено на независноста на судството, област за која Комисијата констатира дека е предмет на сериозна загриженост.

Македонија ги исполнува политичките критериуми доволно за ЕК повторно да му препорача на Советот на министрите почеток на преговори за членство. Ова е заклучокот од годишниот извештај на ЕК што вторникот го презентираше комесарот за проширување Штефан Филе, додавајќи дека за почеток на преговорите ќе биде неопходно да се најде обострано прифатливо решение за проблемот со името со Грција.

Оценувајќи го процесот на реформите во Македонија, ЕК вели дека тие се одвивале нерамномерно. Во делот за политичките критериуми, Комисијата оценува дека „односите во коалицијата се разнишани поради недостатокот на дијалог за одредени иницијативи што имаат пошироки ефекти, како изучувањето на државниот јазик од прво одделение кај албанските деца и урбаниот план Скопје 2014“.

Иако во однос на слободата на изразување е констатиран напредок, критички е делот што се однесува на новинарската слобода.

„Обвинувањата за клевета на адреса на новинарите индивидуално со тешки парични казни остануваат загрижувачки проблем. Заплашувањата на новинари кои се соочуваат со политички притисок и закани е сериозен проблем“ стои во извештајот.

Најголемо внимание е посветено на независноста на судството, област за која Комисијата констатира дека е предмет на сериозна загриженост. Комисијата го наведува мешањето на министерот за правда и контроверзните отпуштања на судии како индикативни дека сегашниот систем не е во согласност со европските стандарди.

Во однос на јавната администрација се забележува одреден напредок, но само во делот на законската регулатива. Се наведува дека „неопходен е значителен напор за да се обезбеди транспарентност, професионализам и независност на јавната администрација“.

Во делот на економските критериуми се потенцира невработеноста, бавните процедури, нестабилни договори, без видлив напредок во антимонополската политика.

XS
SM
MD
LG