Линкови за пристапност

Интеграцијата и проширувањето – приоритети на Полска


Интеграцијата и проширувањето – приоритети на Полска
Интеграцијата и проширувањето – приоритети на Полска

Полска стана претседавач со ЕУ на 1-ви јули. Полјаците се главно про-европски ориентирани и се надеваат да ја направат ЕУ поотворена и поедноставна за интегрирање

Ентузијастичката Полска го презеде кормилото со Европската Унија за следните шест месеци на 1-ви јули од Унгарија. Ова е прв пат Варшава да претседава со Унијата откако државата влезе во ЕУ во 2004-та, истовремено станувајќи четврта поранешна комунистичка држава која ја држи престижната функција.

Полска е шеста најголема економија во ЕУ и единствена земја-членка која ја избегна рецесијата за време на неодамнешната глобална финансиска криза. Таа имаше и најголема поединечна корист од фондовите на ЕУ. За време на преземањето на претседателството во петокот, полскиот премиер Доналд Таск потенцираше дека на Полска треба да се гледа како на успешна европска приказна.

Тој рече дека за многу Европејци, Полска е симбол на надеж, оптимизам, енергија и сила во време на кризи. Тој додаде дека Европејците инвестирале многу во Полска во изминатите 20 години и Полска ќе ја инвестира својата енергијата во Европа.

Еден од главните приоритети за полското претседателство со ЕУ се очекува да биде подлабока економска интеграција и зајакнување на единствениот европски пазар. Но, Адам Балцер од варшавската консултантска фирма „Демос Европа“ објаснува дека Полска гледа на понатамошно европско проширување, особено кон Западниот Балкан. Приближувањето на Хрватска, Србија и Црна Гора до ЕУ се во согласност со интересите на Полска, додава тој.

Претседателствувањето со ЕУ наиде на топол прием во Варшава во петокот, каде десетина илјади луѓе славеа со целодневни концерти и други културни настани. Балцер објаснува дека општо гледано Полјаците се про-европски ориентирани и последниве години почнаа повеќе да изразуваат чувство на заедништво со ЕУ и со одлуките кои блокот ги носи:

„Во Полска владее евро-оптимизам. Имаше позитивен став спрема ЕУ, затоа што изминатите неколку години нашата земја имаше успех и во одреден дел и ЕУ имаше удел во тоа. Има раширено чувство меѓу Полјаците дека ние припаѓаме во ЕУ, дека сме членки и важни акционери во Унијата. Себеперцепцијата значително се зголеми во изминатите години“.

Сепак, не се сите во Полска убедени во владините обиди за генерирање ентузијазам. Во 2009-та, структура на претседателството на ЕУ претрпи промени со Спогодбата од Лисабон, со што се намали неговата моќ. Многумина сметаат дека оваа позиција е воглавно симболична.

Балцер вели дека дури и ако Полска не е во можност да направи вистински промени во европската политика, барем ќе има шанса да се обиде да се справи со други прашања, како во Кина и во Северна Африка.

Актот на поголем ангажман со поширокиот свет, вели тој, може да го одвлече полското внимание од Истокот и на земјата да и даде поглобална перспектива.

„Претседателството може да биде шанса за Полска да осознае дека држава што има амбиции да биде еден од главните играчи во ЕУ не може да води ограничена надворешна политика. Треба да бидеме поактивни на глобалната сцена. Не можете да бидете фокусирани само на регионот“, појаснува Балцер.

Со кризата на задолженост на некои членки, нередите во Северна Африка и разговорите за структурата на новиот заеднички буџет, ЕУ пред себе има полни раце работа во следните шест месеци. Предизвиците пред кои е исправена Унијата се доволни да го тестираат евро-оптимизмот на секого, па дури и на Полјаците.

XS
SM
MD
LG