Европскиот парламент во четвртокот ги повика земјите-членки на ЕУ итно да отпочнат преговори со, како што се наведува во соопштението до медиумите, Поранешната Југословенска Република Македонија за членство во Унијата. Жалејќи дека спорот со Грција околу името предизвикува ќорсокак, Парламентот воедно изрази загриженост за растечките меѓуетнички тензии во земјата, корупцијата, и неодамнешните напади на слободата на медиумите и претставници на граѓанското општество.
Во резолуција усвоена со 506 гласови „за“, 44 „против“ и 44 „воздржани“, членовите на Европскиот парламент и` честитаат на македонската Влада за „ефикасната и непречена имплементација“ на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Тие сепак жалат што Советот на Европа се` уште нема донесено одлука за отпочнување на преговори за членство и покрај препораките на Европскиот парламент и Европската комисија.
Истовремено, Парламентот е загрижен за растечките меѓуетнички тензии во земјата, како и длабоките проблеми со политичката култура. Европските парламентарци го истакнаа неодамнешниот повик за предвремени избори, повикувајќи го сите политички партии да играат активна и конструктивна улога во изборниот процес.
Високата невработеност меѓу младите, доминантната корупција, бавните реформи во судството, заплашувањето на граѓанското општество и ослабувањето на слободата на медиумите, вклучувајќи политизирање на медиумите и мешање во нивната работа, се меѓу наведените причини за загриженост од страна на ЕП.
Парламентот вообичаено не коментира за заслугите на македонската и грчката страна околу проблемот со името, што е главна причина за одложување на евентуалното отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Во исто време европарламентарците изразуват „големо жалење за фактот што спорот со Грција околу името и натаму ги блокира напорите на Македонија за европска интеграција.“