Премиерите на Македонија и Грција четвртокот попладне се сретнаа во Брисел во зградата на Советот на министрите на ЕУ.
Тет-а-тет средбата на Никола Груевски и Јоргос Папандреу за надминување на разликите околу името траела 40-тина минути, а по неа тие не дадоа изјави, јавуваат дописниците на македонските медиуми.
Груевски затоа даде изјава непосредно пред средбата со Папандреу, а веднаш по Самитот на европските народни партии. На прашањето дали е зголемен притисокот врз Атина за решавање на спорот, македонскиот премиер одговори: „Во овој момент не можам да проценам дали е зголемен притисокот врз Грција. Постои интерес за решавање на прашањето. Таков интерес постоеше и во ноември и во декември. Сега повторно се чувствува голем интерес за решавање на прашањето, но попладнево по средбата со мојот колега ќе знам малку повеќе околу расположението во Грција, односно политичката волја да се дојде до решение, а не само да се создава перцепција дека се сака решение.“
Ова е трета директна средба на премиерите на соседните земји. Претходните две, на 29-ти октомври во Брисел и на 27-ми ноември во грчкиот дел на Преспа не донесоа напредок во процесот за решавање на спорот за името што се води под покровителство на ОН.