Линкови за пристапност

Владеењето на правото - приоритет за евроатлантска интеграција на Балканот


Владеењето на правото - приоритет за евроатлантска интеграција на Балканот
Владеењето на правото - приоритет за евроатлантска интеграција на Балканот

Том Кантримен, заменик-помошник државен секретар за европски прашања во Стејт департментот, истакна дека САД нудат огромна поддршка на аспирациите на Балканот за членство во ЕУ.

Институтот за безбедносни студии на ЕУ, со седиште во Париз, деновиве во Вашингтон одржа форум на тема „Нова енергија во агендата САД-ЕУ“.

На тркалезната маса екперти и политичари дискутираа за Балканот и Источна Европа, блискоисточниот мировен процес, разоружувањето, неширењето на нуклеарно оружје и економското партнерство.

Во делот насловен како „Незавршената работа во Европа – Балканот и Источна Европа“, беше кажано дека кога станува збор за трансатланската безбедносна агенда во Европа, во регионот треба уште многу да се стори. Политичката ситуација изминатава деценија значително се промени, подвлекоа аналитичарите, но регионот е задушен од бројни негативни трендови - опасен национализам, големо ниво на криминал, длабока корупција, огромни економски проблеми и слаби политички институции. Сето ова претставува закана за регионалната стабилност и интеграција на балканските земји во ЕУ.

Том Кантримен, заменик-помошник државен секретар за европски прашања во Стејт департментот, истакна дека САД нудат огромна поддршка на аспирациите на Балканот за членство во ЕУ. Тоа, вели тој, не само што ќе помогне Унијата да биде посилна, а регионот постабилен, туку ќе придонесе за општествен и економски развој на секоја од заинтересираните страни.

Кантримен смета дека за сите седум земји од регионот во евроатлантската интеграција проблем не е името, статусот, границите, или пак уставот, туку владеењето на правото како приоритет број еден. Аспирантите за членство, истакна Кантримен, и натаму се соочуваат со бројни потешкотии да дојдат до стадиум на исполнување на условите за влез во НАТО и ЕУ, во смисла на градење на ефикасно судство и обвинителство, независно од политичкото влијание, способно да дејствува против организираниот криминал и владината корупција.

„Ова е голем предизвик каде секоја година вложуваме голема развојна помош“, рече Кантримен и подвлече дека Вашингтон и Брисел треба да остваруваат што е можно потесна соработка во креирањето на политика што би им помогнала на овие земји да го осознаат својот потенцијал.

Стивен Лараби, од корпорацијата Ранд со седиште во Вашингтон, пак, за ситуацијата во Македонија кажа дека и натаму е нестабилна, иако подобра од онаа во Босна и Косово. Влијанието на умерените меѓу албанската заедница во Македонија, вели тој, наводно ослабува, додека радикалите добиваат на сила. Дипломатската инерција и занемарување на проблемите може многу да чинат, смета овој експерт, особено кога прашањето за статусот на Косово и натаму е на маса.

„Приоритет број еден кога станува збор за Македонија е решавање на спорот со името. Со признавањето на името, на Македонија би и` се отвориле вратите за влез во НАТО, што може да внесе дополнителна енергија во потрагата по мир и стабилност во Западен Балкан“ рече Лараби.

XS
SM
MD
LG