Обете главни партии во САД до последен момент пред конгресните избори прават напори да ги придобијат гласачите, додека експертите предвидуваат дека малцинските републиканци би можеле да освојат контрола барем во еден од двата пратенички дома на гласањето на 2-ри ноември.
Според најновото истражување што заеднички го направија Ју-Ес-Еј тудеј и Галуп, 55% од 1.500 испитаници навеле дека планираат да гласаат за републиканците, што е најголем износ за една партија пред едни конгресни избори од 1974-та – наваму. Аналитичарите очекуваат републиканците да добијат доволно места за да преземат контрола над Претставничкиот дом, но дека нема имаат доволно за мнозинство во Сенатот. Демократите во моментов имаат мнозинство во обата дома.
Економијата и натаму е најголемиот извор на неволји за демократите на овие избори. Републиканските водачи велат дека политичкиот наплив е на нивна страна оваа година, за разлика од 2006-та и 2008-ма кога од тоа корист имаа демократите
На гласање се сите 435 места во Претставничкиот дом и 37 од вкупно 100-те во Сенатот. Во некои сојузни држави ќе се гласа и за гувернери, функции во локалната власт, како и референдумски прашања.
Американскиот претседател Барак Обама неделата ја заокружи најновата кампања низ четири сојузни држави каде ги поттикнуваше демократските гласачи да излезат во што поголем број. На собирот во Кливленд, Охајо Обама кажа дека забавениот економски развој и високата невработеност се должат на грешките на претходната републиканска влада.
„Кливленд, сакам да запомните – не дозволувајте никој да ви каже дека оваа битка не е вредно да се води“, рече Обама.
Републиканците, пак, го обвинуваат Обама за економската ситуација.
Сара Пејлин, републиканската кандидатка за потпретседателската функција 2008-та, за ТВ-Фокс изјави дека гласачите во вторник ќе му испратат порака на Обама дека не успеал да ги исполни ветувањата да ја заживее економијата.
„Мислам дека ќе се случи политички земјотрес и дека пораката кон левицата ќе биде следнава – Американците се будат и велат дека помала, поумна влада е единствениот начин земјата да се врати во вистинската насока“, рече Пејлин.