Американскиот претседател Барак Обама инсистира дека неговата „цела агенда“ е насочена на поттикнување на економијата и отворање на нови работни места. Тој призна дека САД бележат „макотрпно бавен“ напредок во опоравувањето од рецесијата, што остави милиони луѓе без работа, фрустрирани и гневни.
На прес-конференција во Белата куќа, Обама потенцираше дека неговата политика е насочена кон помагање на средната класа и ги обвини републиканците дека ги претпочитаат богатите и бараат враќање на политиката што и доведе до рецесијата.
Анкетите покажуваат дека мнозинските демократи на конгесните избори во ноември би можеле да доживеат тежок губиток. Обама на конференцијата ги портретираше демократите како воини за средната класа која е под тежок притисок, а републиканците како заштитиници на милионерите и специјалните интереси. Па сепак, рече дека разбира дека многумина гласачи можеби ја фрлаат вината за слабиот економски опоравок врз него.
Претседателот ги критикуваше републиканците што го задржуваат законот во Сенатот за даночни олеснувања и заеми за малите бизниси со што би го ширеле производството и би отворале нови работни места.
Претходно годинава, Обама повика на проширени даночни олеснувања за биснисите кои се вклучени во истражување и развој или пак инвестираат во нова опрема. Тој бара и проодлжување на даночното олеснување за средната калса, но и укинување на истото за најбогатите Американци.
Републиканците тврдат дека економската политика на претседателот го зголемила дефицитот, без притоа да ја намали невработеноста.