Линкови за пристапност

Тинејџери - инженери дизајнираат еколошки градови на иднината


Училиштето Дејвидсон ја освои првата награда за град на иднината, наречен Мамохатра. На малагаси, јазикот на кој се зборува во Мадагаскар, тоа значи „оживување“.

Основното училиште Дејвидсон Ај Би од сојузната држава Северна Каролина ја освои првата награда за време на овогодишниот Национален натпревар за град на иднината, што трае една недела. Проектот претставува комбинација на современа технологија, еколошки принципи и културна разноликост.

На третиот и последен ден од настанот, регионалните победници од 39 училишта од САД, заедно со своите родители, наставници и ментори престојуваа во Вашингтон каде беа соопштени петтемина финалисти од вкупно 1.100 пријавени основни училишта.

Секој од тимовите имаше по 12 минути да го претстави својот проект пред публиката и судиите.

Лук Чрчил од Дејвидсон Ај Би изгледаше самоуверено кога одговараше на прашањето што би се случило доколку падне мрежата на централниот комјутерски систем во неговиот град: „Имаме друг резервен комјутерски систем на безбедна локација на планина, така што доколку по некоја случајност дојде до пад на централната комјутерска мрежа, градот ќе може да продолжи да функционира преку тој резервен систем“.

Емили Ји од истото училиште пред судиите истакна дека Центарот за бегалци во градот на иднината нуди сместување за жртви на евентуална природна катастрофа или финансиска криза.

Не е чудо што Лук и седумтемина членови на неговиот тим изгледаа сигурни во себе. Тие го минале речиси секој викенд од септември наваму на истражување и дизајн, користејќи комјутерска симулација за нивните идеи да се претворат во тридимензионален модел за натпреварот.

На крајот, макотрпната работа вроди со плод. Дејвидсон ја освои првата награда за град на иднината, наречен Мамохатра. На малагаси, јазикот на кој се зборува во Мадагаскар, тоа значи „оживување“.

Рут Свалоу од истиот тим вели дека замислениот град од 2346-та година, се справува со еколошките проблеми на денешницата за оваа островска земја. „Бевме согласни дека сакаме да ги поправиме овие проблеми, за нашата земјоделска програма да не ја комплицира постоечката ерозија, а истовремено да овозможи облагородување на почвата“.

Лук додава дека планот вклучува таканаречено вертикално фармерство или „процес на земјоделие што се одвива во зграда на повеќе катови“. Така, ќе нема ерозија и наедно ќе помогнеме да се решат проблемите во рамки на животната средина на Мадагаскар“.

Фокусот на овогодишниот натпревар беше подготовка за вонредни ситуации. Секој од тимовите требаше да дизајнира засолниште за жртви на природна катастрофа или за лица со финансиски проблеми. Училиштето Дејвидсон го решило предизвикот со изградба на центар за бегалци со лесен пристап до услугите на градот Мамоатра.

Рут, од победничкиот тим објаснува дека зградата на овој центар е направена од нов и не многу скап градежен материјал наречен агро-ѓубриво. Смесата е комбинација на составни делови на овошје или зеленчук како лушпи од банана или лушпи од ориз со ситен песок, за на крајот да се добие материјал налик на малтер. „Агро-ѓубривото се пакува опремено со нано-сензори кои испраќаат електромагнетни бранови низ ѕидовите, така што инженерите ќе знаат кога да извршат поправки или да го сменат материјалот“, вели таа.

Емили Ји додава дека во другите згради во нивниот град се интегрира вид на синтетичка пластика позната како целулозен материјал. „Овој материјал е направен од вистинска целулоза добиена од растенијата. Се меша со опластувачи за да се дојде до пластика. Крајниот производ е отпорен на гребнатини и може да биде обликуван во најразлични форми. Го употребивме во повеќето од нашите згради“, вели Ји.

Емили додава дека овие совршени системи, моделирани со рециклиран материјал како отпадни делови на алармни системи на пример, кутии од колачи, шишиња од шампон и ролетни, не се научна фантастика. „Овој град може да се изгради токму со споменатите техники во наредните 30 години. Повеќе не станува збор за тоа што претставуваат нештата, туку како функционираат и тоа фасцинира “.

Следниот чекор за победничкиот тим е малку одмор. Наградата е патување во Хантсвил, Алабама, дом на Американскиот вселенски и ракетен центар. Учениците овде ќе имаат прилика една недела да бидат астронаути, со шанса да ги разгледаат инженерските можности во вселената.

XS
SM
MD
LG